Вчера, 24 април 2018, беше посебен ден за дел од вработените на Осигурување Македонија – Виена
Иншуренс Груп. Уште еден општествено одговорен ден (Social Active Day), каде со свои очи видовме прекрасна промена која можат да ја направат нашите раце само за неколку часа.
Осигурување Македонија овој пат се посвети на мали локални заедници мислејќи на оние на маргините. Обновивме две библиотеки во населбите Драчево и Лисиче, а локалното население беше презадоволно од нашата акција.
Кога пред еден месец ја посетивме, библиотеката „Рајко Жинзифов“ во Лисиче, не можевме да си поверуваме на сопствените очи. Се наоѓаше во страшна состојба: фасадата беше оштетена, внатрешните ѕидови руинирани, а столчињата и масите искршени и многу одамна веќе дотраени. Тоалет воопшто немаше, а лавабото беше расклатено и рѓосано. Подот беше толку излупен што беше непријатно да се гледа, не па да се чекори по него. Најблаго кажано библиотеката беше во незавидна состојба, но реално – се распаѓаше. Тогаш се донесе и одлука за донација за реконструкција, како на таа така и на библиотеката „Ј. Х. Џинот“ во Драчево.
Работите одеа постепено. Прво најкрупните зафати, како што се реконструкција на ѕидовите, надворешната фасада и обнова на подот. Поставување нова одводна инсталација, и нови плочки. Изградба на тоалет и поставување ново лавабо и тоалетна школка.
Се постави и нов ѕид со кој се заокружи нова читална каде што поставивме и нови клупи и столчиња. Атмосферата уште повеќе се подобри кога ги поставивме завесите (вариолајт) и сликите со пораки од нашите „70 убави работи за 70 години“. А завршното разубавување, кое всушност го дава и првиот впечаток е поставувањето на дрвена ограда околу тревникот и засадување пролетни цвеќиња пред влезот.
Во градежните работи ни помогна Викторија градба, а нашите вработени го заокружија проектот. Целиот вчерашен работен ден го поминаа во работна акција во библиотеката во Лисиче, каде што собираа ѓубре, копаа дива трева и засадуваа цвеќиња. Ја фарбаа оградата, преместуваа тешки предмети и метеа. Расчистуваа во библиотеката редеа слики и книги и ги поставија клупите и столчињата.
Уште истиот ден бевме сведоци на радосни лица кај децата од населбата кои ја посетија библиотеката да изнајмат нови книги, а соседите и библиотекарката беа воодушевени.
Овој проект на Осигурување Македонија е дел од поддршката која ја даваме за градската библиотека „Браќа Миладиновци“. Во таа смисла благодарни сме и на директорката М-р Сузана Данаилова за шансата која ни ја даде да бидеме дел од една вака благородна акција.