Во просториите на Здружението на пензионери за општините Охрид и Дебрца во четвртокот 9 мај во Охрид се одржа интересна средба на група наши вработени кои го користеа концептот Social Active Day и членови на здружението.
Малку средување на дворот, малку спортски активности, шах, табла и домино и за кратко време станавме пријатели. Врвот на настанот беше специјалната изведба која ги спои убавата македонска народна песна, музиката од народните инструменти и орото и не плени брзо, бидејќи наеднаш од публика станавме и изведувачи и запеавме и заигравме. Синергијата меѓу изведувачите и млади и повозрасни, создаде мало шоу кое ја долови суштината на генерациските средби од овој тип.
Севкупно, настанот беше прекрасен потсетник за моќта на зближување на различни генерации. Тоа беше сведоштво за фактот дека без разлика на нашата возраст, потекло или искуство, сите ние имаме нешто вредно да придонесеме во животот едни со други. Го посетивме и единственото семејство сместено во социјалните станови на објектот и споделивме муабет со одговорните лица на Здружението.
Сите заклучивме дека се радуваме на повеќе вакви настани во иднина, каде што можеме да продолжиме да го славиме богатството на различноста и убавината на врските што ги надминуваат генерациите. Времето во кои тие биле млади било време на изградба, на непосредна комуникација на иницијативни луѓе и исполнителни. Таа дисциплина и однос кон активностите не ја изгубиле со годините, па од нив иако за кратко време научивме дека секоја работа ако се прави со љубов, со план, со внимавање и почит кон другите создава голема позитивна енергија која е човечка и обновлива.
Им благодариме на нашите вредни домаќини коишто не послужија и со традиционалните охридски ѓомлезе и питулици. За убавата енергија сведочат фотографиите и кратките видео записи. Да сме здрави и живи да ја повториме средбата.