Паметно полнење на шпајзот

Biljana|17/03/2020 | Совети |

Да имаме добро снабден шпајз е секогаш добра идеја, без разлика дали сакаме да зготвиме нешто брзо како паста со туна кога немаме ништо во фрижидерот или не сакаме да одиме да купуваме свежи намирници кога времето е лошо.

Со моменталната ситуација во државата и опасноста од заразување со вирусот COVID-19, добро е да го намалиме посетувањето на маркети и да си пазариме еднаш неделно, но важно е и тоа да знаеме што треба да набавиме за да имаме сѐ што ни треба при подготовката на храна.

Токму поради тоа ви го спремивме овој пост каде може да прочитате што ви е најпотребно за да имате добро снабден шпајз и да не мора често да ги посетувате маркетите. И сметаме дека нема потреба да нагласуваме дека намирниците треба да ги набавувате во нормални количини само за вас, за да има доволно и за сите останати.

Тестенини: Убаво е да имате различни форми на тестенини, и долги (како шпагети или лингвини), и кратки и извртени, (како макарони и спирали) за да не ви се повторуваат оброците.

Ориз: Кафеав, бел, јасмин, басмати, долгозрнест – секогаш имајте различни типови ориз. На овој начин и секој втор оброк да е со ориз секогаш ќе има различен вкус.

Супи во кесичка и коцки супа: Овие се база на голем број јадења. Без разлика дали со месо или не. Исто така се неизбежен дел од сосови и каши. И што е најважно нема да ви фаќаат место во фрижидер.

Мешунки: Дома зготвени грав или леќа се далеку повкусни од конзерва. Затоа секогаш имајте суви мешунки дома, но за додаток во други јадења, како бурито, добро е да имате и во конзерва.

Сувомеснати производи: Сувотото месо може да остане и неколку недели во фрижидер, а парчиња пушена шунка или сланина можат да го подобрат вкусот и на наједноставен оброк.

Јајца: Добредојдени се во голем број јадења и се разбира можат да бидат и оброк сами по себе. Можат да стојат долго во фрижидер.

Замрзнато овошје и зеленчук: Користете овошје во смудиња, а зеленчук во зеленчукови супи, пржени оброци или манџи. Грашок, боранија, пченка, брокула како и комбинации на истите се најчест зелленчук кој може да го најдете замрзнат, а за овошјето тоа се јагоди, малини, цреши или боровинки.

Конзервирана риба: Инчуни, сардини, туна или лосос можат креативно да се искомбинираат во голем број вкусни рецепти со тестенини, во сендвичи или салати.

Намази: Хумус, путери од кикиритки, бадеми, индиски ореви или лешници се егзотичен додаток на мармаладите и сличните намази од традиционалната македонска зимница. Лепче со ајвар или лутеница, сендвич со мармалад и путер од кикиритки или стапчиња од моркови и краставици со хумусе супер лесна ужина во која може секој да ужива.

Пармезан и други тврди сирења: Тврдите и солени сирења знаат да траат со месеци во фрижидер, особено кога се во пити наместо претхоно изрендани. Исто кашкавалите кои се запечатени со восок како и биените сирења се подолготрајни.

Маслиново масло, оцет, лимони: Не се готви без нив

Јаткасти плодови и суво овошје: за грицкање.

Брашно, шеќер и квасец: за печива.

Путер: останува со недели во фрижидерот а со месеци во замрзнувач.

Лук, кромид: се користат скоро во секое готвено јадење.

Коренести зеленчуци: Компири, сладок компир, морков, цвекло, трупка, пашканат, ѓумбир, дајкон и ротквици. Освен во салати може да ги користите во многу други јадења и супи. Доколку се омекнат ставете ги во многу ладна вода и повторно ќе се зацврстат.

Целер: Може да го користите во салати, во готвени јадења и како закуска.

Зачини: Иако не ги купуваме често, важно е да знаеме дека кога се свежи имаат многу појак вкус отколку застоени.

Чоколади и колачи: Да, знаеме шеќерот не е здрав, но во овој период на изолација потребна ни е и храна за утеха.