За почеток на развојот на осигурувањето на имоти и на лица во државата се смета 1 март 1945 година, кога е формиран Државниот осигурителен завод, попознат меѓу населението како ДОЗ. Тоа е првата општествена институција за осигурување во Република Македонија.
Под името ДОЗ оваа организација дејствува сè до 1961 година, кога е донесен нов основен Закон за осигурителните заводи и заедници за осигурување, кој стапи во сила на 1 јануари 1962 година. Според овој закон, на подрачјето на Македонија во тој период дејствуваат 14 комунални осигурителни заводи.
Во 1966 година доаѓа до интеграција на овие комунални осигурителни заводи во еден единствен Завод за осигурување на имоти и лица на подрачјето на Републиката.
Благодарение на законските измени, осигурителните организации почнуваат да работат според економски принципи и нивната положба се изедначува со положбата на другите стопански организации. Една од главните карактеристики на овој период е укинувањето на задолжителното осигурување на имотот, кое станува доброволно.
Со донесувањето на Уставот на тогашната СФРЈ од 1974 година, се формираат заедници за осигурување имоти и лица или скратено – ЗОИЛ „Македонија“.
Како ЗОИЛ „Македонија“ компанијата дејствува сè до 1990 година, кога со нови законски измени тогашните заедници се трансформираат во организирање на акционерски друштва за осигурување. Основачи на Акционерското друштво за осигурување и реосигурување „Македонија“ се сто акционери-осигуреници на друштвото.
Од ноември 1992 година, првпат АДОР „Македонија“ ја проширува својата дејност со активно реосигурување.
Кон средината на 1995 година, преку вложување странски капитал од англиската фирма „Киненмонт Ламберт“ и сопствен капитал на АДОР „Македонија“, формирана е „МАК-ЛОН“ со седиште во Скопје. Оваа фирма се занимава со осигурувањето на животот.
Кон крајот на март 2000 година, на македонската берза за долгорочни хартии од вредност познатата австралиска осигурителна и реосигурителна компанија QBE Insurance Group од Сиднеј, Австралија, станува сопственик на управувачкиот пакет акции од тогашното АДОР „Македонија“.
Локалното искуство и експертиза се надополнети со интернационалното искуство и финансиска моќ. Современата осигурителна компанија Осигурување Кјуби Македонија во април 2013 година преминува во сопственост на ВИГ (VIG) од Австрија.
75 години постоење значи постојано искуство и раснење низ грижа за клиентите, нивното задоволство и сигурност. Раснејќи увидовме дека најважно во нашата работа е да сме финансиски стабилни и постојано да ги унапредуваме услугите.Со развој на дигитализацијата ги воведовме услугите отштета онлајн и плаќање онлајн и секојдневно работиме на модернизација на процесите. Знаеме што е важно за да можеме да одговориме на предизвиците на промените и барањата на клиентите. За да можат секогаш да кажат: Знам кога сум сигурна/ен.
По претходно спроведена постапка согласно одредбите од Законот за трговските друства, Законот за едношалтерскиот систем и Законот за супервизија на осигурувањје и подзаконските акти на Агенцијата за супервизија на осигурување, извршена е промена на краткиот назив на Друштвото. Новиот краток назив на Друштвото е МАКЕДОНИЈА осигурување АД Скопје – Виена Иншуренс Груп. Долгиот назив на Друштвото (фирма) останува непроменета и истата гласи Акционерско друштво за осигурување и реосигурување МАКЕДОНИЈА Скопје – Виена Иншуренс Груп.