Каков и одмор да посакувате, ништо не може да се спореди со самоорганизирано патување. Дури и оние спокојни души, кои се спротивставуваат на повикот на авантурата нема да одолеат на патување низ прекрасната Италија. Овој пат ви препорачуваме самоорганизирано патување низ Италија. Земете барем една недела одмор, решете го превозот (со сопствен автомобил или изнајмен од првата дестинација до која би стигнале со авион) резервирајте престој и започнете ја вашата незаборавна авантура.
Фиренца
Започнете од Фиренца. Ова е еден од најволшебните градови во Италија, иако сè во врска со градовите во Италија е волшебно. Покрај популарниот Понте Векио, во Фиренца има многу што да се види. Но дури и да не сте обожавател на музеи и стари цркви, само бесцелно шетање низ овој град е искуство што ќе ви ги исполни и очите и душата. Побарајте приватно сместување, кое би било блиску до местата што сакате да ги посетите и потполно препуштете се на италијанскиот стил на живот и уживање.
Тоскана
Втора дестинација: Тоскана. Ја знаете онаа рурална Италија, со заводливи пејсажи кои може да ги користите како позадина на вашиот „десктоп“? Погледи кои ве обземаат со надреална природна убавина. Но тоа не е доволно, ако таа убавина не е надградена со куќи и вили во единствена италијанска естетика. Голем број од нив можат и да се изнајмат. Замислете тосканска вила со базен и овоштарник, стари дрва на кои висат нишалки и цветна градина прошарана со маслинови дрва. Одмор како од соништата.
Рим
Следува Рим. Вечниот град е толку исполнет со убавина што имате чувство дека ви е потребна вечност за да можете да ја доживеете целосно. Доколку сте љубител на филмовите на Сорентино, големата убавина ќе ја впивате од секое ќоше на овој прекрасен град. Толку многу слоеви историја на култура и естетика нема да најдете никаде во светот. Рим, како и повеќето големи европски градови е лесен за снаоѓање. Најдете си сместување кое има добра конекција со целиот град и уживајте во убавината која ќе ги презадоволи сите ваши сетила.
Позитано
Позитано. Убавите градови и села во Италија се во изобилие, а Позитано е едно од оние места кои потсеќаат на филмовите од шеесетите, каде што главните глумци се возат покрај карпести предели во кабриолет, а ветерот им ги виори косите. Градчето е како цртеж од дете со голема фантазија. Куќите се шарени и издигнати една врз друга, самото гратче е сместено во една вдлабнатинка меѓу карпите сосем доволна за него, а плажата го зазема централното место. Кога сте веќе тука, може да го посетите и островот Капри, а не е далеку ни мистериозната Помпеја.
Палермо
Доколку времето ви дозволува и не се плашите од многу возење, како крајна дестинација ја препорачуваме Сицилија. Ова ви доаѓа како јаготка на шлагот – најдоброто од најдоброто. На каде и да заминете по овој остров, кој многумина го нарекуваат рај на земјата, ќе заборавите на сите несреќи во светот, сите проблеми и катастрофи како никогаш и да не постоеле. Дали се работи за историја, култура, естетика, храна или капучино, овде ќе го доживеете најдоброто во животот. Да не заборавиме дека овде се наоѓа и единствениот активен вулкан во Европа – Етна, како и единствениот грчко-римски театар во Таормина.
Таормина