Оваа година не ни остави премногу начини да го прославиме нашиот 75 годишен јубилеј, но затоа бевме дел од еден значаен проект кој ќе остане запаметен. Се работи за покровителство на специјалниот нов албум на Биба Додева, полн со препеви на македонски незаборавни песни, по што и самиот албум го добива името.
„Анушка“ на Копров, испеана во 1987-ма од Ана Костовска, „Во бестрага“ – хитот на Брејк, „Сонце за три светови“ на Мики Џафер, шлагерите „Еден бакнеж“ и „Ти само збориш“ на Славе Димитров, од 1962-та и 1977-ма, па до евергрините од 80-тите и 90-те – „Сребрени улици“, “Едно срце имам душо“, „Лажи ме“, „Скопје“, „Виолина и гитара“ и нејзината „Необичен круг“ од 2002-ра, овој албум претставува мал придонес во зачувување на нашите музички трајни вредности.
Можеби од прво нашата поврзаност со овој проект не е лесно вочлива, но нашата дејност како осигурителна компанија е секогаш поврзана со градење на добри спомени. Ние од Осигурување Македонија се занимаваме со заштита на нашите клиенти од оние случки кои оставаат непосакувани спомени. Нашата цел е да ја ублажиме болката и загубата и да дадеме утеха кога е најтешко.
Исто така нашата мисија е да оставиме добри сеќавања во секојдневната наша соработка и преку учество и поддршка на убави настани. Поради тоа постојано се вклучуваме во унапредување на културата и спортот, поддршка во здравствена заштита или помош на најранливите категории, како и грижа за околината и поттик за зголемена општествена одговорност.
Нашата соработка со Биба Додева секогаш била плодна. Воодушевени сме од нејзината истрајнот и неисцрпна енергија со која ја предводи организацијата Борка, која секогаш несебично ја помагаме. Таа љубов и посветеност ја загарантира нашата увереност дека сме направиле добар избор.
Со овој проект се поврзуваме не само поради чувањето на убавите сеќавања како наша обврска, но и поради самата поддршка на зачувување на трајни вредности за кои ние постојано се залагаме. Од друга страна изборот на песните датира од на нашите зачетоци и традиција како прва осигурителна компанија во современа Македонија која е синоним за стабилност и истрајност.
Овој запис очекуваме да остане како трајно сеќавање кое го поврзува новото и старото, модерното и традиционалното. Така што за нас е начин да ја прославиле нашата 75 годишнина и нашите заложби како стара сериозна и стабилна компанија, да биде секогаш во тек со новото и современото.
Албумот беше промовиран овој понеделник во присуство на многу еминентни гости, а настанот беше крунисан со одлична изведба на Биба и доделување на благодарници до сите кои и помогнале. Меѓу нив беа нашиот генерален директор Бошко Андов и членка на управниот одбор Весна Ѓорчева.