Награда за вработени кои се занимаваат со добротворна дејност надвор од работното време од главниот акционер на ВИГ, Wiener Städtische

Biljana|07/12/2020 | Вести |

Нашата групација посветува големо вниманиe на општествената одговорност и јакнењето на свеста за неа во компаниите кои се нејзини членки. Ова го постигнуваме со денови на општествена одговорност во кои вработените се посветуваат на некоја добротворна активност, со поддршка на други организации кои го прават тоа, финансиски или логистички како и специјални настани за зголемување на свеста. Но покрај сето ова Wiener Städtische секоја година доделува награди на поединци кои се занимаваат со добротворна и волонтерска активност надвор од работното време.

Оваа година наградата ја доби нашата колешка м-р Бојана Ѓурчевска, која веќе 5 години е дел од Службата за преземање ризици при Секторот за прием во осигурување во нашата компанија.Tаа ја заслужи оваа награда со повеќегодишно волонтирање во Лео Клуб Аксиос – младинска, непрофитна, невладина организација, подмладок на еден од Лајонс Клубовите во Македонија (Lions Clubs International).

Овие клубови имаат за цел да ги поттикнуваат младите да развиваат лидерски способности преку земање учество во социјалнo и општествено корисни активности. Како дел од оваа програма, Бојана има прилика активно да учествува во организирање на бројни хуманитарни активности, чија цел e собирање на средства за различни намени, како
донации на храна и облека на социјално загрозени семејства,
донации во домови за деца без родители и болници,
обезбедување на финансиска помош за медицински третмани на индивидуални лица кои имале потреба од истата,
организација на едукативни и забавни активности во домови за деца без родители, домови за стари лица и болници.

Бојана за оваа своја работа вели: „Волонтирањето е нешто што ме исполнува и за мене претставува можност за стекнување на вредни искуства, преку помагање на оние на кои тоа им е најпотребно, од што неизбежно произлегува можноста за личен развој и надградување на самиот себе. Благодарение на програмата стекнав многу пријатели – луѓе кои ја делат истата желба за помагање на другите и кои сакаат да направат некаква разлика. Волонтирањето ја збогатува секојдневната рутина и овозможува да дојде до израз креативноста, мотивацијата и визијата која се пренесува како на приватниот, така и на професионалниот живот. За ова признание кое особено ми значи, би сакала од срце да се заблагодарам на Wiener Städtische Versicherungsverein, која ги уважува социјално и општествено одговорните активности, на Компанијата која ја детектираше и поддржува мојата мотивираност и ангажман, не само во остварувањето на работните задачи, туку и на волонтерските активности надвор од работното време, како и на моите колеги за номинацијата и поддршката. За крај, би сакала да се заблагодарам на моето семејство за секогаш безусловната поддршка и на моите пријатели од клубот, без кои ова признание не би било во моите раце.

 

Оваа награда секогаш ќе претставува потсетник на од срце вложениот труд во
сите активности и акции, како и дополнителна мотивација за постигнување на успеси и во иднина.“

Осигурување Македонија постојано се труди да ја зајакне свеста за општествената одговорност кај секој свој вработен и оваа награда е само еден поттик повеќе кој ќе даде пример за останатите. Покрај сертификатот кој го доби Бојана, нашиот најголем акционер и додели и пригодна награда, како благодарност за нејзиниот труд и пожртвуваност.

По повод доделувањето на наградата приготвивме скромeн настан според протокол на кој присуствуваа Претседателот на Управен одбор и генерален менаџер Бошко Андов, членот на Управен одбор Весна Ѓорчева, раководителот на човечки ресурси Весна Богдановска, Координаторот за маркетинг Снежана Комненовиќ и колегата што ја номинираше Бојана, Филип Мирчески.

Генералниот менаџер Бошко Андов ја даде следната изјава: „Честитаме на Бојана за признанието коешто стигна од главниот акционер на групацијата Wiener Städtische Versicherungsverein. Не’ направи особено горди и е одличен пример за колегите. Познавајќи ја како ведра и секогаш подготвена да помогне, знаеме дека наградата отиде во вистински раце и дека ќе биде дополнителен мотив за Бојана да продолжи и понатаму во својата посветеност за добри дела“.

Осигурување Македонија ќе продолжи со ширење на свеста за општествена одговорност како кај своите вработени така и надвор и заедно со помош на групацијата ќе продолжи да ја наградува.