ДЕНОТ КОГА НИ СЕ СТОПЛИЈА СРЦАТА

admin|12/06/2018 | Вести |

Пред  летото да нè разгали и започнат одморите решивме да посветиме уште еден ден на општествено одговорна акција. Овој пат ги посетивме децата од СОС Детско Село и поминавме еден забавен ден со нив. Домаќините не пречекаа топло и со широки насмевки, веднаш се спријателивме и започнавме со дружење.

Бидејќи 8 јуни е одличен ден за ваква акција, последен ден од школската година и со идеална температура за играње надвор, нашата игра ја започнавме на фудбалското игралиште. Дел од вработените им се придружија на децата во еден возбудлив фудбалски меч и иако екипата на „Осигурување Македонија“ е со поголемо искуство и зад себе има доста победи, тимот на СОС Детско село беше помотивиран, помлад и поупорен, така што ја извојува победата со дури 3 постигнати гола.

 

Останати две групи вработени се поделија во две куќи и заедно со децата подготвуваа вкусни мафини. Дел од нив помагаа во кујната, ги мешаа состојките и лижеа прсти, а дел подобро се запознаваа со другите деца, кои не беа зафатени во кујната играјќи карти и раскажувајќи приказни и случки.

 

Но тоа не беше сè. Откако фудбалот заврши, а мафините беа ставени да се печат сите заедно се собравме во централниот двор каде што слушавме акустична музика отпеана од срце и го започнавме натпреварот во „Не лути се човече“ со џиновка коцка. Децата беа пресреќни кога едно по едно се поместуваа по обележаното поле, и покрај тоа што еден тим победи, сите беа возбудени што беа дел од играта.

На крај разменивме подароци и уживавме во мафините. Децата нè почестија со многу слатки нешта, но сепак најслатки ни беа нивните прегратки и насмевки, кои ни ги допреа срцата како никогаш до сега.