Вчера имавме уште еден успешен општествено активен ден (Social Active day). Овој пат дел од вработените се приклучија на акцијата на „Ајде Македонија“ – „Сите сити“ која има за цел да ја зголеми свеста за донирање и не фрлање на храна.
Поминавме еден исполнет ден во приготвување храна во народната кујна лоцирана кај црквата св. Петар и Павле во општината Ѓорче Петров, за ранливите групи граѓани кои секојдневно се хранат тука. Со оваа акција имавме за цел да ја зголемиме свесноста за тоа колку храната има различно значење за различни социјални групи. Средбата со жените кои доброволно секојдневно приготвуваат храна за најсиромашните и доживувањето на дел од нивното секојдневие, даде една поинаква перспектива на нашиот однос кон храната.
Ова е единствена кујна од ваков тип и функционира од 1998 година. Храната е најчесто донирана од граѓани и компании, а со неа се нахрануваат околу 150 луѓе дневно. Нашите вработени дадоа еден мал придонес изразувајќи поддршка на организацијата „Ајде Македонија“, која се бори да ја зголеми свесноста за потребата да се систематизира проблемот со фрлањето храна. Нивната цел е да се направи еден чекор кон решавање на проблемот со гладните луѓе со тоа што ќе се донесат законски мерки за храната која инаку би се фрлила (пр. Од ресторани, кафани, сендвичари кетеринг служби, на прослави и сл.) да може да се донира кај оние на кои најмногу им е потребна. На настанот се приклучија и средношколци од угостителското училиште, кои ја претставуваа иднината на угостителите кои ќе имаат поинаков однос кон храната и нејзиното значење за најзагрозените групи.
Овој настан имаше за цел да потсети на овој проблем чие што решавање може да делува благопријатно на целото општество.
Од друга страна пак, општествено одговорените денови на Осигурување Македонија имаат за цел да испратат порака дека компаниите и нивните вработени како поединци можат да се приклучат на вакви активности и да помогнат во приближувањето кон едно поздраво и пофункционално општество за сите.