Речник

Понуда

е образец во кој се внесуваат податоците за лицето што има желба да склучи осигурување и податоците за предметот на осигурувањето.

 

Понудувач

е лице што има желба да склучи договор за осигурување со осигурувачот и за таа цел поднесува своја писмена понуда.

 

Договарач

на осигурувањето е она лице што со осигурувачот склучува договор за осигурување.

 

Осигуреник

е лицето што е осигурено или чиј имот е осигурен.

 

Договор за осигурување

е документ со кој се регулираат односите меѓу осигуреникот и осигурувачот.

 

Полиса за осигурување

е образец што се пополнува при склучување на договорот за осигурување. Таа мора да ги содржи сите меродавни обележја врз основа на кои може да се утврдат предметот на осигурување, сумата на осигурување, премијата за осигурување, ризиците од кои се осигурува предметот, како и почетокот и престанокот на договорот за осигурување.

 

Корисник на осигурувањето

е лице во чија полза се склучува осигурувањето.

 

Премија

е износот што осигуреникот му го плаќа на осигурувачот за носење на соодветен ризик.

 

Надомест/Оштета

осигуреникот има право да бара од осигурувачот ако се оствари некој осигурен случај.

 

Обнова на осигурување

може да се направи, на писмено барање на договарачот, за осигурувањето што престанало да важи или, пак, е претворено во осигурување со намалена осигурена сума. Ова важи за сите осигурувања освен за осигурувањето во случај на смрт.

 

Лист на покритие

се утврдува во оние случаи кога се склучува договор за осигурување, а не се познати сите податоци што се потребни за дефинитивно склучување на договорот.

 

Франшиза

претставува износот на штета што не е покриен со осигурувањето, иако штетата како таква е осигурена. Во суштина, франшизата претставува ограничување, односно смалување на рамките на покритието на осигурувачот бидејќи еден дел од штетата ја покрива осигуреникот сам. Во осигурувањето со примена на франшиза останува дел на непокриен ризик, кој останува на товар на осигуреникот. Осигуреникот, всушност, еден мал дел од ризикот носи на сопствена сметка.

 

Pro rata temporis

е неискористен дел од премијата од една полиса, кој се сторнира пред истекот на осигурувањето, а се признава во премијата на новото склучено осигурување.

 

Дисперзија на ризикот

е распоредување на ризикот во времето и во просторот.

 

Кумули

се големи концентрации на ризик кај кои постои можност да настане штета во големи размери. Таквите штети се нарекуваат катастрофални.

 

Премиска стапка

е процентна или промилна стапка со чија премија на осигурена сума (процентна или промилна пресметка) се пресметува премијата на осигурување за одреден ризик.